Во просториите на компанијата „Руен Инокс Аутомобиле“ претпладнево се одржа акција за крводарување што се реализираше во соработка со Општинската организација на Црвен крст крст од Кочани.
Одѕивот на вработените во компанијата беше одличен, со што продолжува хуманата активност којашто овде има традиција од повеќе децении, а дополнителна потврда за тоа е што денеска имаше и лица кои по прв пат даруваа крв.

-Како општествено одговорна компанија двапати годишно организираме крводарителски акции, а денешната беше прва за оваа година. Ние сме единствена приватна компанија во општината што спроведува вакви хуманитарни активности, а и покрај високите температури што траат неколку денови, акцијата беше успешна и собрани се триесетина единици со крв, со што помагаме во прибирањето на потребните количини за потребите на трансфузиологија. Минатата година, со прославата на 70-годишнината од постоењето на „Руен“, возобновивме многу работи што се практикувале уште од основањето на фабриката, така што во договор со нашиот менаџерски тим и директорот Драган Јорданов, го обновивме и крводарителството, а се надевам дека во иднина така и ќе продолжи, истакна Горан Томев од компанијата „Руен Инокс Аутомобиле“.
Крводарителската акција во „Руен Инокс Аутомобиле“ беше 11 по ред што годинава ја спроведува општинскиот Црвен крст од Кочани, а се реализираше во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Штип.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.