Во населените места во општина Кочани и во соседните општини во регионот се одржаа традиционалните Бадникови поворки во рамки на славењето на Христовото раѓање – Божик.
Во православниот храм „Св. Георгиј“ голем број верници присуствуваа на утрената богослужба и на Свети Василевата литургија, по што се делеа бадникови гранчиња и лепчиња.

Најмладите кои ја пееја песната „Вечниот Бог“ поминаа по улиците во централното градско подрачје и дојдоа пред Општина Кочани, каде ги пречека градоначалникот Владко Грозданов и им подели пригодни дарови.

-Драги дечиња, нема поубав предвесник на Христовото раѓање од вашата песна. Нека Христовото раѓање ви донесе многу здравје, среќа и љубов во вашите домови. Христос се роди, им порача градоначалникот Грозданов.
Поворката продолжи кон Паркот на Револуцијата каде беше донесена симболичната Бадникова пештера, а младите бадникари пред присутните граѓани ја пееја „Вечниот Бог“.

Бадникова поворка се одржа и во Оризари во која учесниците поминаа по улиците во населбата и дојдоа на платото пред Домот на културата каде ги поздрави градоначалникот Грозданов.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






