Повеќе од сто и педесет дечиња и нивните родители в сабота ќе го навестат Христовото Раѓање на традиционалната Бадникова поворка во Кочани.
Низ улиците во градот ќе се пее песната „Вечниот Бог“, а дечињата ќе носат Витлеемски ѕвезди што се во изработка. Верниците кои се во можност во периодот од 09:30 до 10 часот ќе можат да ги поздрават малите бадникарчиња кои ќе ја објават радосната вест за Рождеството Христово.
-Веќе неколку години кај нас во Кочани е воспоставена убава традиција, односно тоа се Бадниковите поворки, каде што нашите најмили ќе пеаат богоугодни песни, а со ѕвезди во раката ќе продифилираат и низ кочанските улици и ќе ја објавата веста за Рождеството Христово. Маршутата е од нашиот храм, па Општина Кочани, а ако дозволат временските услови ќе се упатиме и до Паркот на Револуцијата, со што оваа манифестација ќе заврши, истакна Димитар Арсовски, свештеник во храмот „Св. Великомаченик Георгиј“.
Бадникови поворки се подготвуваат во сите општини под Брегалничката епархија и пошироко во рамки на државата. Во нив учествуваат над илјада деца од целата држава. Поворките во Кочани се релзираат повеќе години, а се во организација на храмот „Св. Великомаченик Георгиј“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.