62 лица од општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево се опфатени со бесплатниот скрининг за пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување.
Граѓаните кои се со потенцијал од заболувањето се контактирани од страна на вработените од подружницата на Центарот за дијализа „Диaверум“ – Кочани и редоследно им се врши скринингот.
Контролата почна од овој месец, а ќе се ипмлементира во наредните четири и е како резултат на дел од заклучоците од Првата регионална академија што се одржа во ноември минатата година на иницијатива на Министерство за здравство и Шведската амбасада, со цел подигнување на свесноста за бубрежното заболување и неговата рана превенција.
Проeктот „Скрининг на популација во ризик од хронична бубрежна болест“, го спроведуваат Министерството за здравство во координација и со целосна финансиска поддршка од дијализните провајдери „Диаверум“ и „Нефроплус“.
Во моментот во Кочани на дијализа се 45 пациенти, а како најчести фактори за заболувањето се кардиоваскуларните проблеми, високиот крвен притисок, дијабетесот, наследните фактори и други.
Од подружницата на „Диаверум“ – Кочани истакнаа дека очекуваат максимална реализација на проектот, а со тоа поголемо идно превенирање на хроничното бубрежно заболување.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.