Во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ попладнево беше отворена ликовна изложба со дела од Радовишката ликовна колонија 2024, што се одржа од 10 до15 јуни во Музејот на љубовта и уметноста во Радовиш.
Освен од државата, учесници на колонијата имаше и од Бугарија и Турција.

-На нашата деветта меѓународната Радовишка ликовна колонија учествуваа 16 уметници кои создадоа 33 уметнички дела. Најголемиот дел од делата се изложени овде. Посебно ми е задоволство што за прв пат гостуваме во Кочани. Иницијативата за одржување на оваа изложба е на учесничката од Кочани, Александра Димитрова. Делата се работени во повеќе техники како што се акрил, маслена техника, акварел и комбинирана техника, истакна Душан Коцев, организатор на колонијата.
Во однос на воспоставената соработка помеѓу Центарот за култура „Бели мугри“ и претседателот на ликовни уметници од Радовиш, Душан Коцев, зборуваше Александра Димитрова која истакна дека Кочани и понатаму ќе продолжи да организира слични ликовни настани.

-Дружбата со уметниците беше прекрасна. Имав прилика да бидам дел од колонијата и учествував онлајн, но задоволна сум од сработеното. Секој уметник имаше можност да изработи по две дела, рече Димитрова.
Проектот е дел од годишната програма на ЦК „Бели мугри“ за оваа година и е со целосна финансиска поддршка од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена во наредните десетина дена.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.