Во Центарот за култура „Бели мугри“ вечерва беше отворена изложбата „Панта реи“ од прилепскиот уметник Маријан Стојановски. Во Салонот 1 претставени се десетина склулптури што заинтересираните граѓани може да ги погледнат во наредните две недели.
Скулптурите се со современ призвук што наликува на пат кон иднината и кон непознатото, беше речено на отворањето.
Идејниот израз на авторот е отелотворен визуелно во метал, а делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно- ротирачки формации кои претставуваат рефлекси од едно друго време, од безвременоста и од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за „panta rei“. Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта е наративната пораката што ја носи изложбата.
-Скулптурите се работени во изминативе три години. До сега таа е претставувана во Софија, Неготино, Скопје, а еве сега и во Кочани. За прв пат сум во Кочани и сум задоволен од организацијата, истакна Стојановски.
Авторот Маријан Стојановски учествувал на над педесетина групни изложби во земјава и странство, а реализирал и многу самостојни изложби во државата. Учесник е и на повеќе ликовни колони во Македонија, а организатор е на ликовната колонија „Дрен“ во склоп на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Проектот е дел од годишната програма на културната установа и е со целосна финансиска поддршка од Министерството за култура.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.