Со промоција на алманахот од книжевни творби под наслов „Македонија – Рационовата болка и надеж“ што се одржа вечерва, Националната установа центар за култура „Бели мугри“ од Кочани го одбележа својот патронен празник и 84-годишнината од печатењето на стихозбирката „Бели мугри“ од Коста Солев Рацин.
Алманахот содржи 25 творби на автори од целата држава кои учествувале на објавениот конкурс од Центарот за култура за книжевни творби инспирирани од стиховите на Рацин; од нив 22 се песни, а три се прозни текста.
– Стихозбирката „Бели мугри“ е своевиден културолошки феномен, со огромно влијание врз генерации поети и писатели. Со полна поетска емотивност ги изразува црнилата на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар и поправичен свет. Рациновите љубов и мака, радост и болка, копнеж и чемер се мотиви што ги инспирираат современите творци и во XXI век, толку поинаков, а сепак близок на XX, кога Рацин творел на свеќа – истакна Љубинка Ајтовска, промотор на зборникот песни.
Во алманахот се објавени песни на: Љубинка Давидовска, Јане Атанасов, Славица Цветкова, Ванчо Арсов, Ружа Стојмилова, Атанас Ѓоргиев, Андреј Јанков, Катерина Лазаровска, Далибор Стојанов, Ана Симонова, Милица Трпевска, Ристо Филчевски, Васил Ханџиски, Маја Мојсова, Весна Тодоровска и други.
Печатењето на алманахот е финансирано од Министерството за култура и е дел од Годишната програма на НУЦК „Бели мугри“ – Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.