Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани почна нова рекреативна трка што, под името Sunset trail run, односно „Вранинци на зајдисонце“, треба да стане традиционална и ќе се одржува на падините на Осоговските Планини.
Патеката на која се трча е со должина од околу 12 километри, а висинската разлика е 550 метри. Стартот е од пред спортската сала во населбата Оризари, а потоа кон селото Вранинци и назад.

-Првата трка се реализираше вчера, а договорено е во наредниот период да се одржува секој последен четврток во месецот. Покрај членови од нашиот клуб, имавме и гости од Штип. Во план е за секоја наредна трка да покануваме учесници и од други спортски клубови во државата. Се трча во групи, во зависност од физичката подготвеност на учесниците, истакнаа од КПС „Осоговски орел“.

Главна цел за организирање на трката е дружењето и промоција на природните убавини на Осоговијата, а од кочанскиот планинарски клуб информираа дека наскоро ќе бидат организатори на уште неколку слични активности за што ќе следи соодветна најава.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.