Преполна беше спортската сала „Сашо Лазарев – Чапо“ за хуманитарниот кошаркарски натпревар „40 дена тишина – Кочани се обединува во чест на загинатите во дискотеката „Пулс“ што синоќа го организираше КК „Баскет Дино“.
Одбележувајќи го својот 21-ви роденден, наместо со прославување нови успеси, клубот го дочека во знак на жалост и сочувство, особено што двајцата негови членови – Александар Карадакоски и Петар Ивановски се жртви во трагичниот пожар.

Во нивна чест, а по интонирањето на државната химна и едноминутната почит за сите настрадани, беа прочитани кратки сеќавања.
На хуманитарниот натпревар, на кој присуствуваше и министерот за спорт Борко Ристовски, настапија голем број поранешни и актуелни кошаркари. Наместо резултат и победа, заедничка цел на сите беше да се соберат што повеќе средства од продажбата на влезниците и да им бидат донирани на семејствата на настраданите.
Со масовната посетеност на настанот, граѓаните на Кочани ја потврдија хуманоста со желба за обединување преку спортот, во период кога градот го доживеа еден од најтешките моменти во своето постоење.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.