Во неделата на 21 септември околу 17 часот се појави пожар на комуналната депонија кај селото Бели, што за краток период беше ставен под контрола и изгаснат.
Од КЈП „Водовод“ испратија сооопштение до јавноста во кое се наведува дека огнот бил подметнат.

-Имаме сомневања дека депонијата е намерно запалена. Веднаш реагираше Територијалната противпожарна единица и екипи на КЈП„Водовод“ и пожарот е ставен под контрола во најкратко можно време. Апелираме до сите граѓани доколку забележале некој сомнителен веднаш да го пријават во МВР – Кочани, се истакнува во соопштението од комуналното претпријатие.

Последен пат отпадот на депонијата чадеше во почетокот на февруари годинава, односно еден ипол месец по прекинот на протестот и блокадата на граѓаните. Освен кочанското, на просторот кај Бели отпад исфрлаат и возила на комуналните претпријатија од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Неколку дена по тогашното чадење на депонијата, градоначалниците од четирите општини потпишаа договор според кој претпријатијата од соседните општини за отпадот што го исфрлаат овде на „Водовод“ треба да му плаќаат по 220 денари за кубен метар.
Локацијата е со површина од околу 4 хектари, а откако кон крајот на октомври минатата година беше направена нејзина „генералка“ за уредување и рамнење со градежната механизација на американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“, состојбата со чадењето беше ставена под контрола.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






