Граѓански активистки од општина Чешиново-Облешево реализираат активности за подобрување на условите и унапредување на услугите за децата со попреченост, за кои досега на локално ниво нема скоро никаква институционална грижа. Нивна цел е да се активира Локалната самоуправа за соработка со останатите општини заради креирање локални политики што ќе водат кон остварување на правата на овие деца.
Граѓанската ревизија “Унапредување на социјалните услуги за деца со попреченост во општина Чешиново-Облешево” се спроведува во рамки на програмата Girls power, како дел од проектот на граѓанската организација СИГА. Еден од главните приоритети е воспоставување на социјална услуга за децата со попреченост преку отворање Дневен центар во Општина Чешиново-Облешево и обезбедување стручни лица кои ќе работат со нив.
-Во нашата општина немаме дневен центар којшто ќе ги задоволи потребите на децата со попреченост и нашите сограѓани се принудени своите деца да ги носат во околните центри за да ги добиваат услугите. Проблемот е навистина голем и ние опфативме неколку институции, а со вклучувањето на Општината и на Министерството за труд и социјална политика очекуваме дека ќе успееме да го довршиме проектот во целост. Во проектот се опфатени лицата до 26-годишна возраст, имавме активности и во детските градинки „Кокиче“ и „Ѕвездички“, каде преку забава и креација децата учеа за еднаквоста и другарството. Со прашалникот што го спроведовме добиме клучни точки на кои треба да се насочи работата на Општина Чешиново-Облешево, потпомогната од страна на Министерство на труд и социјална политика, истакна Сања Тасова, граѓанска активистка на Girls power.

Сознанијата од мапирањето што го спровеле активистките на Girls power се дека во општина Чешиново-Облешево има 16 деца со попреченост и постои потенцијал и простор за преземање активности што ќе направат позитивни промени во квалитетот на нивниот живот и на нивните семејства.
Меѓу приоритетните задачи е да се обезбеди бесплатен превоз до најблискиот дневен центар, како и да се зголеми паричниот надомест за децата со попреченост. Исто така, потребно е да се воспостават дневни социјални услуги, активности за вклучување во заедницата, оформување група за самопомош, како и локални политики за вклучување на пазарот на трудот на родителите на деца со попреченост.

Активностите се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, во рамки на регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.