Петнаесетина фудбалери на второлигашот „Осогово“ се одѕваа на денешната прва прозивка што пред почетокот на подготовките за пролетната сезона ја закажа помошникот на шефот на Стручниот штаб, Даниел Гоцевски.
На стадионот „Никола Мантов“ тие го одржаа првиот тренинг после неколкунеделната пауза по завршувањето на есенскиот дел од првенството. Поволните временски услови овозможија одличен почеток на подготвителните активности, во кои освен кондициските и тактичките вежби, ќе се одиграат и неколку пријателски средби.

-Од денеска стартуваме со подготовките, а нашата цел е опстанок во Втората лига. Имаме договорено неколку фудбалски имиња кои треба да дојдат во клубот. Имаше најави и шпекулации дека некои фудбалери ќе си заминат, но официјално немаме ништо. Закажани се четири или пет контролни натпревари, а првиот е наредната сабота со „Кожуф“. Стартуваме максимално посветени за да стигнеме до целта, истакна помошникот Гоцевски.

Гоцевски додаде дека очекува подготовките да поминат според планот, а ќе се тренира на стадионот во Кочани.
Есенскиот дел од првенството во Втората лига ГФК „Осогово“ го заврши на 14. место на табелата со 12 бода, пред „Караорман“ и „Каменица Саса“ кои заостануваат еден, односно пет бода.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.