Новиот Планинарски дом на Пониква, што беше изграден пред нешто повеќе од 2 години, сè уште не е во функција. Градежните работи се завршени, комплетирани се фасадерските и другите придружни работи, но влезната врата и понатаму е заклучена, а планинарите и другите рекреативци немаат свое катче на планината.
Главна причина за тоа е што во внатрешноста нема мебел, а објектот не е приклучен ниту на електричната мрежа. Согласност за приклучокот треба да се добие од Општина Пробиштип, со оглед што од катастарски аспект Домот се наоѓа на нејзина територија.
Сепак, причините за ставањето во функција не завршуваат овде. Во јавноста протекоа непотврдени информации дека инсталацијата за парно затоплување во внатрешноста има сериозен дефект, па уште пред и да почне да се користи, ќе мора да се инвестираат дополнителни средства за поправка.
Во меѓувреме, зградата е обрасната и изгледа напуштено, па ако наскоро не биде ставена во функција, ќе почне да се руинира сама од себе. Евентуално, со нечија дополнителна помош од надвор.
Изградбата на Планинарскиот дом на Пониква почна во средината на 2020 година, во рамки на проектот „Планински велосипедски рај“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, а администриран од Светска банка. Домот е изграден врз основата на поранешен воен објект, а во него се наоѓа подрум за печка за парно греење на пелети, заедничка просторија за дневен престој, а во поткровјето има 28 легла во двокреветни и трикреветни соби. Вградена е ПВЦ-браварија со термопан стакло, подовите се обработени со керамички плочки, а објектот има надворешна и внатрешна термичка изолација.
Во јавноста веќе кружи дилемата дали ќе се чека доволно долго за целата инвестиција да обезвредни, за потоа објектот да се приватизира?
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.