Двочасовна блокада на една од главните крстосници во централното градско подрачје попладнево организираа граѓаните на Кочани, со што се спротивставија на повторното исфрлање отпад од другите општини на комуналната депонија кај селото Бели.
На протестот граѓаните побараа од општинската администрација и од комуналното јавно претпријатие „Водовод“ да ја почитуваат одлуката на Советот на Општината со која не се дозволува комунални возила од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево овде да го депонираат отпадот.
-Како граѓани не сме против проектот за регионално решавање на депонирањето на отпадот што е поддржан со средства од европските фондови, но бараме време да ни се врати довербата кон институциите затоа што беше разнишана, особено во последните две години. Сакаме да видиме конкретна имплементација на тој проект, затоа што регионалниот центар за собирање и преработка на отпадот кај Свети Николе сѐ уште е само на хартија. Веќе десетина години се најавува негова изградба, а освен што Кочани ги почитува насоките, во ниту една друга општина не се носи отпадот од соседните градови. Во моментот кога ќе видеме дека регионалниот центар почнува да се гради, ќе дозволиме да продолжи соработката меѓу општините, а дотогаш бараме соседните општини да не депонираат отпад кај нас, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, учесничка на протестот.
-Сакаме да порачаме дека ова не е политички проблем, туку проблем што ги засегнува сите граѓани на општина Кочани, односно се работи за основна човекова потреба, сопственото и здравјето на своите најблиски. Овој проблем го засега секој нормален човек во овој град и потенцираме дека политиката ја оставаме на политичарите, а овде сакаме да ни го решат нашиот нашиот проблем со депонијата, со којшто веќе две години се соочуваме интензивно, истакна Ванчо Мишовски, учесник на протестот.
-Дајте луѓе да се сплотиме, факт е дека после протестите полесно се дише, факт е дека со 50 отсто помалку ѓубре ќе имаме 50 отсто помалку метан, 50 отсто помалку здравствени проблеми. Сите рокови за депонијата се пробиени, сите ветувања се лажни, а сега играат на картата дека има политика, а нема политика оти се работи за здравјето на луѓето. Факт е еогромнито пораст на заболени од сите видови белодробни заболувања. Да бидеме заедно, да бидеме сплотени за здоброто на Кочани, а не да продаваме демагогија на сите, истакна Стојан Глувчевски, учесник на протестот.
По завршувањето на блокадата граѓаните се упатија кон општинската зграда, а потоа дојдоа и пред салата на Советот на Општина Кочани, каде на редовна седница имаше точка за состојбата со депонијата. Таму имаа непосредна средба со градоначалникот Љупчо Папазов, на која го искажаа револтот од потпишаниот меморандум со кој им се дозволува на соседните општини да депонираат отпад во Кочани.
На седницата на Советот беше побарано да се почитува донесената одлука за забрана на депонирање отпад од други општини.
-Да се донесе заклучок со кој ние како членови на Советот бараме од оној што стопанисува со депонијата, односно комуналното претпријатие, беспоговорно да ја спроведува претходно донесената одлука да не дозволува депонирање на отпад од други општини. Јасно и гласно, значи без исклучоци, за да нема дилеми и некои други моменти, затоа што градоначалникот кажа дека и тој е мета на притисок од некои институции. Ако бидеме единствени, можеме да истраеме во оваа борба, а ако има разединување, за жал, ќе мора да се оди по друг пат, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
Предложениот заклучок доби едногласна поддршка од сите советници, со што Советот како основач, му наложува на КЈП „Водовод“ да не им дозволува на комуналните возила од други општини да влегуваат и да исфрлаат отпад на депонијата кај Бели.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.