Делегација од збратимениот Чанаккале Колеџ од Турција престојува во петдневна посета на СОУ „Гошо Викентиев“, во рамки на проширувањето на соработката на двете образовни институции.
На работната средба се разговараше за конкретни активности околу размената на искуства во наставниот процес, особено за активностите во кои секое училиште има забележителен успех. Исто така, се договараше и за организирањето меѓусебна посета на ученици од двете училишта.
-Се договоривме дека нашите ученици во декември ќе ги пречекаат нивните врсници од Турција, на Пониква ќе направиме камп на кој ќе можат да ги разменат искуствата и ќе ја зајакнеме добрата соработка. Напролет пак, нашите ученици ќе заминат во Турција и ќе учествуваат на тамошниот Технофест натпревар, истакна Спирко Златков, директор на СОУ „Гошо Викентиев“.
Делегацијата од Чанаккале Колеџот за првпат престојува во Кочани и во Македонија воопшто, при што искажа задоволство од гостопримството и можноста за натамошно проширување на соработката со колегите од „Гошо Викентиев“ и за размена на искуства.
-Ние сме две училишта што се далеку едно од друго, но имаме многу успеси на различни полиња. Нашето училиште постигнува успеси на планот на технологијата, особено кај превозните средства, но и изработката на ракети, а учествуваме на еден од најголемите натпревари во Турција – Технофест. Од друга страна, немаме многу искуство на полето на роботиката, СОУ „Гошо Викентиев“ е едно од најдобрите на тој план, а на средбата во Чанаккале зборувавме што можеме да направиме заедно. Се надеваме дека од нив ќе научиме многу работи за роботиката за да напредуваме. Со нас е професорот Јахја, кој е меѓу најдобрите за ракетната техника и мислам дека тој може многу да им помогне на учениците овде да научат повеќе за тоа, истакна Ајнур Имре, директорка на Чанаккале Колеџ – Турција.
Претставниците од Чанаккале Колеџот нагласија дека сакаат соработката меѓу двете збратимени училишта да продолжи со реализација на заеднички проекти од Еразмус+ програмата на ЕУ.
Пред една година СОУ „Љупчо Сантов“ и Чанаккале Колеџ од градот Чанаккале потпишаа договор за збратимување, а претставниците од нашето училиште веќе реализираа прелиминарна посета во Турција.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.