Седумчлена делегација од градот Гетеборг, Шведска ќе престојува во Кочани од 16 до 18 јуни како поддршка по трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Во тимот ќе има социјални работнички, пожарникари и преживеани од сличен пожар во дискотека што се случил во Шведска. Со семејствата на настраданите и со граѓаните на Кочани тие ќе ги пренесат сопствените искуства од заздравувањето и рехабилитацијата по несреќата 27 години подоцна.
Шведската делегација во Кочани ќе има тридневни активности со споделувања искуства, отворени и затворени сесии и јавна панел дискусија, за што поддршка даваат SupportKocani и Општина Кочани.
Во тимот од Гетеборг ќе бидат и Нима Параш Лама, кој во периодот на несреќата имал 17 години, и Розбех Асланијан, која имала 19 години. И двајцата го преживеале пожарот, но загубиле многу пријатели, а Параш останал без својот брат. Тој денес работи како теренски социјален работник во промотивна и социјална работа со млади од 10 до 18 години. Розбех е автор, наставник и експерт за управување со кризи.

Дел од тимот од Шведска ќе бидат и пожарникарите Бенгт и Пер-Андерш, кои ќе споделат искуства со колегите од Кочани, како и Ларс Лилед кој посветил дел од својата кариера на работа со санирање на последиците од пожарот. Социјалната работничка Елеонор Артфорс, која во периодот на несреќата била младинска активистка, сега е координатор на проектот „Човекот во униформа“, а Хели Кунас, која лично познавала многу од загинатите, денес е раководител на Сектор за социјална заштита.

На 29 октомври 1998 година во дискотека во Гетеборг се случил пожар со сличен трагичен исход како и во „Пулс“. На забавата присуствувале 375 луѓе, иако имало капацитет за 150, а притоа загинале 63 млади лица и 213 биле повредени.
Тимот од Шведска во Кочани ќе гостува во рамки на програмата што е иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска, а ја спроведува Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“.
извор: vidivaka.mk
.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






