Викендов по 27. пат, во Кочани се одржува манифестацијата Деновите на медот, замислена како продажна изложба на мед и пчелни производи. Во Паркот на револуцијата на петнаесетина штандови, своите производи ги претставуваат пчелари од различни краишта на државава.
На отворањето на манифестацијата, чиј организатор е пчеларското здружение „Матица“ од Кочани, беше речено дека ова е добар начин на граѓаните да им се приближат производи за здрав живот, посебно што нашиот регион изобилува со природни реткости погодни за пчеларење.

Освен мед и пчелни производи, на манифестацијата е изложена и пчеларска опрема и алатки, а присутните граѓани добиваат и совети од пчеларите за корисноста од употреба на мед за човековото здравје.

Во рамки на манифестацијата се одржа и културно-забавна програма со настап на фолклористи од ФА „Руен“, а најмладите од Училиштето са цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“ имаа можност на плочникот во Паркот со креда во боја да цртаат свои ликовни творби поврзани со пчеларството и производството на мед.



©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.