Организаторите на изложбата посветена на архитектот Александар Гицов обезбедија училиштен прибор за учениците од подрачните училишта во општина Кочани. На изложбата која имаше и хуманитарен карактер, беа собрани финансиски средства за да им се помогне на социјално загрозените основци.
Училиштниот прибор веќе е доставен до централните училишта, а потоа ќе им биде дистрибуиран на оние на кои им е најпотребен.

-Со овој гест на донација на училиштен прибор за ученици од социјално загрозени семејства на некој начин ја заокружуваме нашата изложба „Портрет на еден архитект“, посветена на Александар Гицов. Таа имаше за цел преку една хуманитарна изложба да собере средства и таму каде што има потреба да биде доделен училиштен прибор. Тоа е симболична и скромна помош на учениците, пред сè од подрачните училишта. Овој училиштен прибор ќе биде распределен низ кочанските училишта, а од таму во подрачните единици. Ќе бидат опфатени училиштата „Св. Кирил и Методиј“, „Раде Кратовче“, „Никола Карев“ и училиштето во Оризари, истакна Марија Петрова, организатор на изложбата.

Изложбата посветена на поранешниот градски архитект Александар Сане Гицов, кој почина по пензионирањето, се одржа во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“. Изложените макети на објекти што се дел од неговиот богат архитектонски опус предизвикаа голем интерес меѓу неговите колеги, но и кај граѓаните на Кочани и пошироко, при што тие ја искажаа и хуманоста со донирање парични средства.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.