Доброволното противпожарно друштво од Кочани реализираше две обуки за превенција и заштита од пожари и други елементарни непогоди со учениците од општинските средни училишта.
Обуките се дел од проектот „Млади волонтери за сигурна средина за живеење”, a средношколците имаа теоретски и практичен дел, при што беа вклучени професионални и пожарникари волонтери од Територијалната противпожарна единица – Кочани, ДПД – Кочани и ДПД – Свети Николе.
Учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“ следеа предавања за причините и опасностите од пожари, начинот за спречување и лична заштита, а се реализираа и практични вежби за гаснење оган со употреба на преносни противпожарни апарати. Исто така, се спроведе и обука за можни повреди од пожари и други елементарни непогоди и нивно санирање, односно за укажување прва помош на настрадани во огнена стихија, во што се вклучија волонтери од општинскиот Црвен крст од Кочани и од доброволните противпожарни друштва од Кочани и Свети Николе.
Проектните активности ќе продолжат со организирање јавна дебата на која ќе учествуваат ученици, претставници од локалните самоуправи од регионот, од Дирекцијата за заштита и спасување, МВР и другите надлежни институциии, а главната цел е да се работи на подигање на јавната свест за превенција и заштита од пожари, со акцент на младите.
Проектот „Млади волонтери за сигурна средина за живеење“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан -ReLoAd2, со финансиска поддршка од ЕУ и Општина Кочани, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.