Кочанецот Драган Теодосиев е добитник на традиционалната годишна награда за најдобар млад македонски џез музичар, што ја доделува Скопскиот џез фестивал.
Во неформалното образложение е наведено дека се работи за хиперактивен џез тапанар, импровизатор и композитор, кој на македонската музичка сцена е присутен веќе две децении. Во кругот на музичката фела го нарекуваат „најзафатениот (џез) музичар во Македонија“.
Талентот за музицирање на Теодосиев има семејни корени, а формалното образование го добива во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип и на Одделот за џез музика на Факултетот за музичка уметност на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Во изминатиот период тој соработувал со повеќе артисти и бендови, меѓу кои и Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit и Дина Јашари. Повеќегодишна соработка има и со џез музичарите Тони Китановски, Сашо Поповски, Јордан Костов и други. Бил дел и од театарската група „Мадам Фортуна“ од Антверпен, Белгија.
Наградата на Теодосиев ќе му биде врачена в петок, во Младинскиот културен центар во Скопје, пред настапот на неговиот состав Cobalt Code Unit на Скопскиот џез фестивал што годинава ќе го има 42. издание.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.