Негативен природен прираст за последните три месеци од минатата година е регистриран во сите општини во Источниот плански регион, каде се родиле 238 лица помалку во однос на бројот на починатите. Разликата е близу 50 отсто, односно 11-те општини добиле вкупно 248 нови жители, но изгубиле 486.
Според податоците од Државниот завод за статистика, најголема разлика меѓу бројот на родени и починати има во Кочани 55 и во Штип 56 лица. Сепак, зад нив многу не заостанува ниту Делчево каде негативниот прираст бил 38 лица. Потоа следуваат Виница со 27, Берово 19 и Чешиново-Облешево со 10 лица. Единствено општина Зрновци имала позитивен природен прираст, односно се родиле 7 бебиња, а починале три лица.
Од октомври до декември лани во општина Кочани се родиле 44, а починале 99 лица, во Виница се регистрирани 20 новородени, а имало 47 починати, додека во Чешиново-Облешево се родиле 9, а починале 19 лица. Во слична ситуација е прирoдниот прираст и во Штип, каде во истиот набљудуван период имало 95 нови жители, но починале 151.
Ваквите податоци покажуваат дека бројот на населениeто на Истокот забрзано cе намалува поради негативниот прираст, на што се придодава и иселувањето на младото работоспособно население во Скопје и во странство.
За разлика од неповолниот тренд кај прирастот, забележан е релативен пораст на бројот на склучени бракови, иако зголемување има и кај бројот на разводите. За само три месеци лани во Кочани биле склучени 49 брака, но истовремено правно раскинати биле 16. Во Виница пак 23 пара го официјализирале бракот, додека 15 се развеле.
Во последното тримесечје од минатата година 4 брака биле склучени во Зрновци, а 10 во Чешиново-Облешево. За истиот период меѓу зрновјани имало и 1 развод, а во другата соседна општина биле раскинати 2 брачни заедници.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.