Државниот инспекторат за животна средина издаде решение за привремен прекин на градежните работи на минихидроцентралата на Мала Река, откако по извршениот инспекциски надзор биле утврдени неправилности.
Од инвеститорот на хидроенергетскиот објект се бара да преземе соодветни заштитни мерки за речното корито и околниот терен, по што надлежниот инспектор ќе направи нова контрола на состојбата.

-При инспекцискиот надзор е констатирано дека при изведување на градежните работи дошло до затрупување на речното корито, поради што Друштвото за производство на електрична енергија ДИС Енергија ДОО од Скопје, како инвеститор, е задолжено да ги отстрани неправилностите, а градбата е стопирана. Според издаденото решение, треба да се изврши чистење на затрупаното речно корито и тоа да се врати во првобитна состојба. Исто така, нагласено е дека треба да се преземат заштитни мерки на околниот карпест масив и косините околу локацијата наменета за машинска зграда, истакна Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Со решението од инспекцискиот надзор, инвеститорот на минихидроцентралата е задолжен да го отстрани и насипаниот материјал на вливот на Мала Река во акумулацијата Гратче, над и под локалниот пат што поминува во непосредна близина, затоа што не добил водостопанска согласност за парцелата на која се извршени овие градежни работи. Отстранувањето на констатираните неправилности треба да се направи во рок од 60 дена од изрекувањето на мерката, по што ќе се изврши контролен инспекциски надзор.
Во меѓувреме, викендов продолжија протестите на граѓаните од Кочани кои со блокирање на локалниот пат кон браната Гратче бараат повторно преиспитување на дадената согласност за изградба на минихидроцентралата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.