Автомобил пропадна во дупка со пречник поголем од еден метар и остана блокиран на улицата „Гоце Делчев“, пред тунелот кај Градскиот пазар во Кочани.
Отворот на асфалтот е ископан пред неколку месеци заради интервенција на водоводната инсталација, но потоа не беше соодветно затрупан. Во почетокот имаше сообраќаен знак и обележување со ленти, како предупредување за возачите. Со текот на времето, а и по неколкуте пазарни денови, дел од сигнализацијата исчезна или заврши во дупката, а лентите одамна се искинати.
Возачот чие возило пропадна во дупката рече дека воопшто не забележал дека коловозот е ископан.
-Возев во рикверц со намера да свртам во спротивен правец и внимавав на возилата што доаѓаа одзади, така што не видов дека има голема дупка. Пластичниот знак некој го фрлил во дупката. Задното тркало остана да виси во воздух, а автомобилот потпре на шасијата. Ја известив и полицијата, а ќе поднесам пријава и до комуналниот инспектор во Општината. Треба секој да си ја гледа работата, наместо луѓето да страдаат, истакна возачот на автомобилот.
Во дупката што зјае на асфалтот на „Гоце Делчев“ досега пропаднале неколку возила, но никој не се погрижил да ја затрупа или барем соодветно да ја заштити. Раскопаните и несоодветно санирани дупки на улиците во Кочани подолг период се проблем и од сообраќајно-безбедносен и од естетски аспект. Дури и коловози што биле реконструирани и се со нов асфалтен слој, повторно се раскопуваат и се оставаат во лоша состојба.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.