Солиден успех со освоени едно прво и две втори места постигнаа натпреварувачите од Кочани кои учествуваа на трката во планинско трчање Струмина треил во Штип.
Со златен медал во машка конкуренција во возрасната категорија од 21 – 40 години се закити Златко Николов, кој во моментот е член на клубот „Борец“ од Велес. Сребрени медали и признанија освоија Владо Симеонов од клубот МТБ Исток и Никола Серафимов од КПС „Осоговски орел“. Притоа, Симеонов се најде меѓу најдобрите натпреварувачи во возрасната категорија 50-60, додека Серафимов беше второпласиран кај натпреварувачите над 60 годишна возраст.
На трката учествуваа околу 200 натпреварувачи, од кои 13 во машка и женска конкуренција беа од 4 клубови од Кочани. Патеката долга 18,5 километри успешно ја завршија околу 160 учесници.
Од Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани најавија дека во план е да организираат слична трка и на Осоговските Планини, при што освен во планинско трчање, ќе има и натпреварувачи во планински велосипедизам.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.