Под мотото „Не чекај, превенирај! Заедничка борба за женско и машко здравје“ синоќа во Кочани се одржа едукативна граѓанска трибина за подигање на јавната свест за навремена контрола и заштита од специфичните заболувања кај жените и мажите.
На трибината, што ја организираше општинската организација на СДСМ од Кочани, зборуваа заменик-министерката за здравство Маја Манолева, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, како и лекарите специјалисти Ана Данева Маркова и Диме Коцев, чиј заеднички заклучок беше дека навремените и стручни прегледи се клучни во борбата за подобро машко и женско здравје.
-Контролата и заштитата на здравјето на граѓаните е еден од најважните аспекти за нашата држава, поради што постојано работиме на подигање на свеста. Наша обврска е да ги подобруваме условите за здравствена грижа, да ја ставиме во преден план важноста на редовните прегледи, а истовремено да го промовираме здравиот начин на живеење. Само со поставување на ваквите стандарди за здравствената грижа и услуги можеме заеднички да ги надминеме предизвиците пред нас, како лекари и здравствени работници, но и граѓаните како пациенти од другата страна, истакна заменик-министерската за здравство, Манолева.
За предизвиците во справувањето со пандемијата од Ковид-19, поранешниот министер за здравство Венко Филипче нагласи дека се стекнати нови искуства, поради што повика да се надминат политичките разлики во здравството и да се даде максимална грижа за граѓаните.
-Се чини дека по завршувањето на пандемијата сите брзо забораваат колку се значајни здравствените работници. Тие беа херои кои спасуваа животи и помагаа, безрезервно работејќи и по повеќе од 24 часа во своите, но одеа и во други институции и градови, а никој никогаш не кажа „не“. Тогаш кога многу поразвиени земји и нивните здравствени системи беа во колапс, ние не потклекнавме. И денес, кога гледам како претставници на опозицијата се обидуваат да печалат евтини политички поени, напаѓаат и водат црни кампањи, забораваат дека лекарите беа херои, а сега се предмет на политичка кампања. Ние покажавме како треба да се работи во услови на криза, а граѓаните бараат да продолжиме да работиме за заедничкиот интерес, а нивниот повик да го слушнат сите политичари и да ги надминат суетите и да носат одлуки што ќе се паметат, истакна Филипче.
Лекарите специјалисти на трибината говореа за најчестите и најспецифичните гинеколошки и уролошки заболувања кај жените и мажите, а нивната главн порака беше да се прават редовни и навремени медицински прегледи за да се спречат несакани последици што тешко можат да се лекуваат.
Во рамки на кампањата за подигање на јавната свест за контрола на здравјето, пред одржување на трибината во Кочани граѓаните имаа можност да ги искористат бесплатните здравствени прегледи и консултации со медицински лица.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.