Жителите од населбата Стришани ја продолжуваат традицијата за заедничко одбележување на празникот посветен на Свети Архангел Михаил и по тој повод го организираа традиционалниот собор кај Стришанска Чешма.
Со молитва, славска погача и празнична трпеза му беше оддадена почит на светецот кој граѓаните од овој дел на градот го сметаат за свој заштитник.
Двајцата кумови на славата организираа богата трпеза, за која беше даден и божји благослов.

-Да ги поздравам сите граѓани на општина Кочани, за многу години Свети Архангел Михаил. Традиционално и денеска се собираме на Стришанска Чешма и мене ми е посебно драго дека јас сум во кумата за оваа година и дека сум поврзана, моето детство е поврзано со растењето на оваа чешма. Чест ми е што сум денес тука на овој убав празник, овој убав повод да собере толку убави луѓе, мои роднини, пријатели, мои комшии. Да му посакам среќа и на идниот кум за следната година, да сме живи и здрави и долго, долго да ја негуваме традицијата за овој празник, истакна Бети Денков, овогодишна кума на соборот.
-Еден од најголемите верски празници во нашата христијанска вера, кој симбол за светлина и за правда. Овој христијански празник го празнуваме сѐ со цел да ги одржиме заедништвото и добрината меѓу луѓето. Има цел да ја зачува традицијата и да го зајакне духот меѓу луѓето за заедништво. Сакам да им го честитам овој христијански празник на сите што го празнуваат како заштитник на својот дом и сите оние кои што имаат именден. Ви благодарам за посетата, среќна слава и за многу години, истакна Миле Минов, овогодишен кум на соборот.

Обврската да биде кум на соборот за наредната година му припадна на Зоран Андонов, кој потекнува од стара стришанска фамилија.
-Голема желба ми е да бидам на кум, да ја да ја продолжам генерацијата на стари кочанци, на стари стришанчани, желба ми е и наредните генерации исто ова да го продолжуваат да го прават. Тоа е љубов, благослов од Бога и мислам дека на овој начин ја исполнувам мојата душа. Да сте ми живи и здрави кочанчани, долги, долги години да си го прославуваме овој ден, нека ни е за многу години, истакна Андонов.
Од православниот храм „Св. Вмч. Георгиј“ дадоа поддршка на традицијата на стришанчани, а свештеник ја благослови славската погача и им ја раздели на присутните.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






