ЖФК „Кочани“ постигна убедлива победа од 16:1 на гостувањето во Велес против „Борец“ во рамки на 4. коло од првенството во Втората фудбалска лига во женска конкуренција.
Покрај високиот резултат, за пофалба е и добрата игра на поранешната репрезентативка Афродита Салихи, која на овој натпревар постигна дури 11 гола. Стрелец на едниствениот погодок за домашната екипа беше Александра Пешова.
Со освоените три бода нашата женска фудбалска екипа сега има вкупно 12 и е на првото место на табелата, пред скопски „Вардар 2023“ кој има два бода помалку. Добрата игра и ефикасноста ја оправдува фаворитската улога во првенството и најавата за освојување на шампионската титула, што ќе значи повторно враќање во прволигашкото друштво.
Во следното коло, што ќе се игра в недела, 13 октомври, во 13 часот, ЖФК „Кочани“ ќе биде домаќин на ЖФК „Слободен“ од Скопје.
Паралелно со натпреварите во сениорска конкуренција, почнуваат и првенствата во младинската и кадетската лига за девојчиња. Продолжениот празничен викенд ќе биде искористен за одигрување на првите натпревари.
В петок, на 11 октомври во 14 часот, кадетките на ЖФК „Кочани“ ќе ги пречекаат своите врснички од екипата на „Тиквешанка“ од Кавадарци, а два часа подоцна младинките ќе го одиграат натпреварот против „Победа“ од Валандово.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.