Успешно заврши експедиција „Алпи 2023“ на групата македонски планинари, што ја организираше планинарското здружение Х2О од Скопје, а меѓу кои беа и двајца членови на ПСК „Осогово“ од Кочани.

Во текот на изминатата недела беше реализирано искачување на дел од највисоките врвови на Алпите во Италија, Швајцарија и Словенија, а во состав на експедицијата беа и членовите на кочанскиот планинарски клуб, Тошо Антов и Зоран Николов.
Најпрвин планинарите се искачија на највисокиот врв во Италија, Гран Парадизо на 4061 метар, а потоа експедицијата продолжи со маршрута до врвот Зумштајншпиц во Швајцарија, на 4563 метри.

На крајот планинарите се искачија и на врвот Мангарт во Словенија на 2679 метри. Иако понизок од останатите два, сепак искачувањето на овој врв било и најтешко, а се пешачела таканаречената ферата, од италијанска и словенечка страна, со висина од околу 800 метри.

Експедицијата воопшто беше една од потешките на која учествувале планинари од ПСК „Осогово“, при што се поминувало преку неколку опасни глечери и се искачувале врвовите по ферати за кои е неопходна доста добра подготовка.

Од кочанскиот планинарски клуб упатуваат благодарност до организаторот на експедицијата и до членовите на „Осогово“, со што уште еднаш се потврдува дека Кочани го има еден од најдобрите клубови во државата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.