Со гала концерт на домашни и фолклорни ансамбли од странство што синоќа се одржа на плоштадот „Ангел Винички“ во Виница, заврши 39. Меѓународен фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“.
Во изминатите пет дена над 150 фолклористи од Чешка, Украина, Мексико, Косово, Бугарија, Србија, Казахстан и Македонија претставија дел од богатото музичко народно творештво и традиција пред публиката во Истибања, Оризари, Зрновци и Виница.
Организатор на Фестивалот беше Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, под покровителство на Општина Виница и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
-Општина Виница со задоволство е дел од овој фестивал бидејќи го препознава значењето на негување на културната традиција на еден народ. Благодарение на ваквите настани се потсетуваме на убавината на изворните македонски песни и ора, на нашата традиција, на корените, но посебно сме задоволни што претставниците од различни држави имаа можност да го запознаат нашиот менталитет. Исто така, тие со нивното присуство во нашата општина овие неколку денови придонесуваат за заживување на целиот регион, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.
Покрај играорните настапи на ансамблите, како придружни содржини на Фестивалот, во Домот на културата во Истибања беше организирана изложба на стари народни предмети, алати и храна, како и традиционалното зажнејување на ориз.
Во рамки на петдневната програма, беа организирани и национални вечери на земјите учеснички на „Истибањско здравоживо 2024“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.