Здружението „Еко Тим Исток“ го почнува проектот „Запознај ги убавините на општина Кочани“ чија цел е промоција на туристичките потенцијали и ресурси, а што ќе се реализира во текот на наредниот едногодишен период.
Проектот е во рамки на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2, што е финансирана од ЕУ, а ја спроведува Програмата за развој на ОН – УНДП. Кофинансиер во реализацијата е Општина Кочани.
Претставници од здружението „Еко Тим Исток“ и од Општина Кочани на прес конференција истакнаа дека главна цел на проектот е руралниот и алтернативен туризам, преку искористување и промоција на културно-историското наследство, природните убавини и реткости. Целна група ќе бидат најмалку 20 жители од општината, со акцент на оние од руралните средини, како и најмалку три лица од маргинализираните групи, односно лица со хендикеп, жени жртви на семејно насилство, членови на еднородителски семејства, претставници од етничките малцинства и слично. Притоа ќе биде запазена родовата еднаквост со застапеност на по 50 отсто од двата пола.

-Освен некоја форма на масовен туризам на неколку локации, што е сезонска или поврзана со некои празници, во општина Кочани туризмот е на незавидно ниво. Посебно кога станува збор за рурален и алтернативен туризам, кои во последно време земаат замав во општеството. Спротивно на тоа, Кочани располага со голем број знаменитости, верски локалитети, културни манифестации, кои можат да бидат добра основа за развивање на рурален и алтернативен туризам. Бидејќи овие форми се доста комплексни, нашиот проект ќе биде насочен конкретно кон културно-историски, верски туризам и гастрономија, односно креирање на туристичка понуда што ќе биде една целина, а ќе вклучува повеќе сегменти, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.
Се очекува повеќестрана корист од реализацијата на проектот, при што директен бенефит ќе има целната група, која ќе биде креатор и реализатор на туристичката понуда. Исто така, општина Кочани ќе добие дополнителна промоција и зголемена видливост на туристичките потенцијали.

©2023 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.