Граѓанското здружение „ИНИ“ од Виница успешно го заврши проектот со кој, под мотото „Активен живот“, во изминатите десетина месеци работеше на зајакнување на отпорноста на постарите лица за време здравствени епидемии, каква што беше Ковид кризата, но и на слични катастрофи во иднина.

На завршното претставување на проектот беше нагласено дека е исполнета главната цел да се придонесе за поквалитетен живот, мобилност, социјализација и подобрување на физичкото и менталното здравје кај повозрасната популација, која е и поранлива на глобалните здравствени предизвици.

Целна група беше женската популација над 65-годишна возраст, а учесничките во проектот работеа во три групи. Активностите беа насочени кон унапредување на физичката подготовка, примената на здрави животни стилови и јакнење на групната припадност, односно припадноста кон заедницата.

-Реализирани се повеќе од 170 часа лесни физички вежби за проблеми со моториката, локомоторниот апарат, потоа за некои болести како што се спондилоза, реума и слично. Во вежбањето беа вклучени 33 жени, реализиравме 10 прошетки на отворено со пешачење во должина од 5-6 километри, при што се приклучија и жени кои не беа дел од активностите со проектот. Исто така, реализиравме 10 предавања на различни теми, како што се здравствените, социјалните права, за потребата од физичка активност на постарите лица, имаше повеќе предавања за здравата исхрана, здравствени предавања за реума, спондилоза, цервикална и лумбална и слично. Учесничките се задоволни и се подготвуваме од септември да го продолжиме проектот, очекуваме да најдеме донатори, во спротивно сами ќе се организираме, истакна Тодор Цонев, претседател на Здружението „ИНИ“.
Имплементацијата на проектот е поддржана од Здружението на пензионери од Виница, од граѓанското здружение „Златно доба“, од Здравствениот дом, Фондот за здравствено осигурување, Центарот за социјални работи и од Општина Виница.

Активностите се дел од регионален балкански проект, чиј носител е Црвениот крст на Србија, a вклучени се и граѓански здруженија од Црна Гора, Косово и Србија. Финансиската и друга поддршка за реализација на проектот е обезбедена од фондовите на ЕУ, како и од Црвениот крст на Австрија и Австриската агенција за развој и соработка – АДЦ.
©2023 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.