се искачи на АконјЧетиричлена македонска група планинари успешно ја завршија експедицијата во Јужна Америка и се искачија на највисокиот планински врв Аконкагва на 6962 метри.
Планинарот Зоран Николов, член на ПСК „Осогово“ од Кочани, заедно со своите македонски колеги Филип Христов од Струмица и Зоран Успрцов и Лазе Миновски, како и двајца планинари од Република Србија во средата попладне по локално време без поголеми проблеми стигнале на највисоката точка на Андите, на аргентинско-чилеанската граница.
-Горди сме што експедицијата ја оствари крајната цел и го развиори македонското знаме на највисокиот врв на јужната земјина полутопка. Искачувањето поминало според зацртаниот план, по карпест терен и без многу снег, со минусни температури иако таму е лето, а на врвот ги дочекал убав сончев ден. Тоа што на многу други планинари досега не им успеало и се откажале од искачување, нашите момци го исполнија и им честитаме на успехот, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.
Подготовките за реализирање на експедицијата во Јужна Америка нашите планинари ги имале во изминатите неколку месеци на домашни врвови, а поддршка им обезбедија матичните планинарски клубови и локалниот бизнис сектор.
Со искачувањето на Аконкагва, планинарот Николов го продолжува исполнувањето на планот на својот клуб, а минатата година беше дел и од експедицијата која за пет дена се искачи на петте највисоки врвови во Италија, Швајцарија и Словенија.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.