Дипломираниот економист Зоран Тодоров поднесе независна кандидатура за градоначалник на Кочани за претстојните локални избори во октомври.
Со тоа официјално ќе влезе во предизборната трка за прв човек на Општината, во која претходно кандидатурата ја поднесе и актуелниот в.д. градоначалник Венко Крстевски.
Тодоров е семеен човек, татко на две деца, кој во изминатиот период имаше голем број граѓански активности и инцијативи, главно поврзани со екологијата.
-По суштина сум човек кој целиот свој живот го живее со одговорност, духовност и почит кон заедницата. Роден и израснат сум овде, во Кочани – градот што ми ја вгради љубовта кон луѓето, чесноста кон трудот и верата во вистинските вредности. Со моето семејство секој ден го живееме Кочани – не како место на случаен престој, туку како свесен избор. Избор да бидеш човек, сосед, поддршка. Избор да не молчиш кога можеш да помогнеш. Избор да веруваш во луѓето и во заедничката сила што создава, а не уништува. Јас сум човек од дела – не од зборови. Верувам во солидарноста – не како празна реченица на плакат, туку како нормална, човечка и граѓанска реакција кога некој страда или кога нешто може да се подобри, вели Тодоров меѓу другото во образложението за поднесената кандидатура.

Определувајќи се да создаде нова иднина за градот и граѓаните како градоначалник, Тодоров вели дека го гледа Кочани не како спомен што избледува, туку како иднина што мораме заедно да ја изградиме – чекор по чекор, човек до човек.
-Верувам дека овој град има душа, но таа душа бара нов глас. Глас на одговорност, искреност и храброст да се каже: „Доста е – време е за поинаку.“ Сакам живот во Кочани – достоинствен, праведен, инспиративен и топол, заклучува во своето јавно обраќање.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






