Со културни настани, свечености и црковни чествувања Локалната самоуправа на Зрновци денеска го одбележа 8. ноември – Денот на Општината и на Светиот великомаченик Димитриј, кој е патрон и заштитник на општинскиот центар.
Советот на Општина Зрновци одржа свечена седница на која присуствуваа и претставници од амбасадите на Кина и Бугарија, гости од Црна Гора и од неколку соседни општини. Поздравно обраќање и краток преглед на реализираните проекти меѓу двете празнувања имаше градоначалникот Борчо Коцев.
-Горди сме на нашето минато, на историјата и традицијата, но вложуваме во натамошноот развој, да ги реафирмираме повеќевековните вредности и да обезбедиме достојно и пријатно место за живеење на секој наш сограѓанин. Економскиот развој го темелиме на природните богатства, традиционалните карактеристики за промоција на туризмот и малото стопанство, што се наши најголеми адути. Во изминатиот период реализиравме проекти за подобрување на водоснабдувањето на жителите во трите населени места, како и за реконструкција на секундарната водоводна мрежа во висина од 396 илјади евра. Почната е постапка за пречистителна станица за отпадни води, а за изградба на сообраќајната инфраструктура обезбедивме близу 40 милиони денари, од кои најголем дел од Светска банка и Министерството за транспорт и врски, истакна градоначалникот Коцев
Во рамки на одбележувањето на празникот на Општината се одржа фолклорно дефиле и настап на играорни групи и музички оркестри, а во Домот на културата беше отворена изложба со делата изработени на втората ликовна колонија чиј организатор е ОУ „Синиша Стоилов“. На споменикот на патронот Свети Димитрија во центарот на Зрновци беше положено свежо цвеќе, а во црквата што го носи името на светецот се одржа верска литургија.
На свечената седница на општинскиот Совет им беа доделени признанија на ученици и граѓани кои дале свој придонес во развојот и афирмацијата на општината.
Празнувањето продолжува и утре со културно-уметничка програма на учениците од основното образование и од детската градинка, како и со одигрување на финалниот натпревар од Митровденскиот турнир во мал фудбал.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.