По завршувањето на вториот круг од претседателските избори и по пребројувањето на гласовите, Државната изборна комисија потврди дека кандидатката Гордана Силјановска Давкова оствари убедлива разлика од околу 309 илјади гласови пред противкандидатот Стево Пендаровски, со што за прв пат Македонија добива жена за претседател.
Од анализата на резултатите, во општините Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, Силјановска Давкова оствари предност од над 14 илјади гласа пред Пендаровски, односно го зголеми бројот на гласовите за уште 5.500 во однос на првиот круг. За Пендаровски пак, во четирите општини во микрорегионот гласале уште илјада граѓани повеќе во споредба со гласањето на 24 април.

Во однос на гласањето по општини, во Кочани, Силјановска Давкова доби 11.855, а Пендаровски 4.515 гласа. Во Виница за кандидатката што ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ гласале 6.416 граѓани, а поддршка на кандидатот зад кој застана СДСМ му дале 2.097 гласачи. Во Чешиново-Облешево за Силјановска Давкова својот глас го дале 2.446, а за Пендаровски 754 избирачи, додека во општина Зрновци соодносот во корист на Силјановска Давкова е 980 спрема 279 гласа.

Слично на претседателските, волјата на гласачите е изразена и на парламентарните избори. Според резултатите од ДИК, во Третата изборна единица најголема поддршка доби коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со освоените 96.546 гласа таа ќе има 14 пратеници. Коалицијата „За европска иднина“ на СДСМ доби 33.605 гласа и ќе има 4 пратеници, додека партиите Левица и ЗНАМ со 13.404, односно со 9.426 гласа ќе имаат по еден пратеник.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.