– Главните приходи кои што доаѓаат е од уредување на градежното земјиште и приходи од продажба на неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија. Значи, од надоместокот за уредување на градежно земјиште од 25 милиони денари е само 4,4% реализација, што е навистина ниско и искрено не загрижува нас и сметаме дека ќе има проблем во овој буџет бидејќи, како што кажав, градежната експанзија треба да почне сега , овие месеци, иако станува збор за период јануари, февруари, март, а сега е почеток на мај, јас се надевам дека во наредниот втор квартал овој процент ќе се зголеми, бидејќи сите ќе се соочиме со проблем, оти ова не загрижува сите нас, рече Лазо Митев, член на Советот на Општина Кочани.
Митев имаше забелешки и во однос на други ставки наведени во финансискиот документ, поради што најави дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на извештајот за извршувањето на буџетот за првиот квартал.
Од советничката група на СДСМ пак, беше упатена поддршка за извештајот, при што за забелешките од опозицијата оценето беше дека имало влијание претходното локално раководството кое не подготвувало техничка документација за проектите што ги најавувало, поради што се јавува доцнење во реализацијата на одделни инвестиции.
– Охрабрува фактот дека имаме поддршка од страна на централната власт и веќе е разговарано за сериозни проекти, за вредности за кои што во изминатите 10 години кумулативно нема инвестирано во општина Кочани. Домаќинското работење што можеме да го погледнеме во прегледот или табелата што ни се доставени, можеме да видиме дека износот на репрезентација што новото раководство го прави е нула или минимален, за разлика од претходното раководство за кое се уште се подмируваат трошоци и фактури што се уште стигнуваат од претходното раководење, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
По неколку меѓусебни забелешки меѓу советниците од власта и опозицијата за начинот на кој финансиски се работело во изминатиот период, од општинската администрација дадоа образложение за дел од причините поради кои се искажани резултатите во извештајот, при што беше споменато и враќањето на долговите од претходното локално раководство.
– На 25.10. кога дојдовме ние имавме долг по попис од 49 милиони денари. Во периодот од после 25.10. кај нас стигнаа фактури и ситуации за претходниот период од 27 милиони денари, значи долгот дојде до 76 милиони денари. Денеска со кварталот, со 31.03. долгот е 40 милиони денари, а со 30.04. долгот е 23 милиони денари. Значи, ако и самите проверите денеска на сметка, за претходниот месец вашите надоместоци се исплатени. Верувајте дека ние немаме долг, немаме трошковна фактура што денеска е стигната, а што не е платена. Сакаме да направиме систем што ќе продолжи да функционира и понатаму, денес сме тука, а утре ќе не нема, реле Александар Јосифов од Секторот за правни и јавни дејности и општи работи.
Подолго образложение за извештајот за извршувањето на буџетот и за најавените проекти даде и градоначалникот Илијев, при што нагласи дека евентуалното неусвојување ќе биде на штета на сите граѓани, при што порача да престанат партиските натегања и политички уцени, што во изминатите мандати можеле да се видат во Советот на Општината.
По кратката пауза по неговото излагање, координаторт на советничката група од опозицијата рече дека сепак тие ќе дадат поддршка на извештајот, по што со 14 гласа “за“ тој доби зелено светло.
Евидентно беше дека дел од советниците од мнозинството ја напуштија седницата веднаш по пријавуавњето дека се присутни, што влијаеше врз тенкото мнозинство со кое помина извршувањето на буџетот за првите три месеци од годината.
Т. Ајтовски
{fshare}
https://www.youtube.com/watch?v=b9Pql_AsjOU
{backbutton}
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.