Извидничкиот одред „Ластовица” од Кочани е организатор на традиционалниот зимски едукативен камп што се одржува на Пониква, а на кој учествуваат шеесетина извидници и четири старешини.
Освен запознавањето со основните извиднички вештини, учесниците имаат и предавања за ориентација и движење во планина во зимски услови. Активностите на снег се реализираат во соработка со стручни лица од Сојузот на извидници на Македонија, а предвидена е и обука по прва помош од страна на активисти во општинскиот Црвен крст од Кочани.
-По седми пат сме организатори на зимскиот камп на Пониква, а интересот за учество беше голем, така што покрај постарите, ни се придружија и нови извидници. Престојот овде е исполнет со голем број активности поврзани со совладувањето на извидничките вештини. За учесниците на кампот организираме и кратка обука по скијање со стручни обучувачи. Новиот снег што падна ни овозможува времето поминато на санки и скии да го продолжиме, на задоволство на децата, информираше Жаклина Стојчева Јорданова, претседателка на ИО „Ластовица“.
Зимскиот извиднички камп на Пониква ќе трае четири дена и тој е дел од годишната програма за работа на извидничкиот одред „Ластовица“. Учеството на кампот е можност за младите извидници што подобро да се подготват за учество на т.н. хајкови што ќе се одржат на планинските предели во државата.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.