На средината од оваа работна недела ќе почнат натпреварите од првото коло на Петровденскиот турнир во мал фудбал што годинава се одржува по дваесет и први пат. Традиционално, по повод празникот на градот, турнирот го организира Општина Кочани, во соработка со Општинскиот фудбалски сојуз.
И годинава има солиден интерес за учество на натпреварот. Веќе се одржа ждребувањето на екипите за распоредот по групи, а победниците од групите ќе играат за натамошен пласман.
-Пријавени се 12 екипи, ќе има 4 групи по три екипи, кои ќе се натпреваруваат од среда, 28 јуни од 19 часот, кога ќе биде и свеченото отворање. Се игра 5+1, според футсал правилата што ќе им бидат дадени на сите екипи пред самиот почеток на натпреварите. Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани ги обезбедува и судиите и останатите услови за нормално играње, ќе има и слободни денови, затоа што мораме да внимаваме на временските услови коишто се такви какви што ги имаме, за да можеме евентуално да преместиме натпревар за еден или два дена, истакна Александар Андов, претседател на ОФС – Кочани.
Натпреварите ќе се играат на повеќенаменското спортско игралиште во дворот на гимназијата „Љупчо Сантов“. Се планира да има по два натпревари додека трае разигрувањето по групи. Крајниот пласман на учесниците и победникот на турнирот ќе биде познат на 12 јули, токму на Петровден.
За најдобрите учесници во екипна и поединечна конкуренција се предвидени награди, а победничката екипа ќе добие парична награда од 60 илјади денари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.