По повод Петровден вечерва во библиотеката „Искра“ беше отворена втората самостојна изложба на уметнички дела со ликови на светители од роднокрајниот автор Влатко Анчов.
На 90-ина дела изработени на природен материјал, дрво; бука, јасика, јасен и топола, во техника наречена пирографија се претставени светители од христијанската религија: св. Петар и Павле, Пресвета Богородица, св. Јован Крстител, св. Арганхел Михаил, св. Никола, од кои повеќето се во неколку различни варијанти.
На настанот присуствуваа градоначалникот Љупчо Папазов, свештеници при храмот „Св. вмч. Георгиј“ и митрополитот брегалнички Иларион. Изложбата е со продажен карактер, а дел од средствата ќе бидат наменети и за помош на ранливи категории на граѓани.
-На изложбата се претставени дела во две димензии 20:30 и 30:40. Изложбата ќе биде отворена триесет дена и граѓаните можат да ја посетат од 7 до 15 часот, истакна Кристина Ѓоргиевска Атанасова, директорка на библиотека „Искра“.
Авторот на изложбата Влатко Анчов рече дека пирографијата му е хоби и со него се занимава повеќе од 10 години.
-Пирографијата претставува изработка на ликови, односно уметнички дела изработени на дрво. Се работи со алат наменет за тоа и е наречен пирограф, истакна Анчов.
Еден час по отворањето на изложбата, во Мултикултурниот центар се одржа Концерт со духовна музика на кој настапија ученици од класата за традициски инструменти од ОМУ „Ристо Јуруков“ Кочани со нивниот наставник Виктор Постолов, женскиот хор „Света Лидија Македонска“, машкиот хор „Свети Гаврил Епископ Велички“ при Лесновскиот Манастир, како и групата „Портал“ и Маријан Јанковски.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.