Заеднички, седнати на иста маса, четворица од шестте кандидати за градоначалник на Кочани го ставија својот потпис на Кодексот за фер и демократска кампања.
Во присуство на членовите на Општинската изборна комисија, гости и претставници од медиумите кандидатите ветија дека ќе се залагаат за легитимни избори на кои победникот треба да го изберат граѓаните, според понудените проекти во кандидатските предизборни програми. По потпишувањето на Кодексот си подадоа рака како потврда на заложбите за мирен предизборен процес.

Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК), Билјана Димовска Гичева нагласи дека потпишувањето на Кодексот е врз основа на одредбите од Изборниот законик, со што кандидатите потврдуваат дека се за фер и демократски изборен процес и дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење, со што ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.
-Свечено се обврзуваме и си ветуваме еден на друг, но и на сите граѓани, дека ќе се придржуваме и активно ќе го промовираме овој Кодекс. Ние, учесниците во изборниот процес се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите. Недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал, истакна меѓу другото претседателката на ОИК – Кочани.

Со потпишувањето на Кодексот учесниците во изборниот процес се обврзуваат дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол. Исто така, се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на некоја политичка партија или кандидат.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






