Нова победа од 7:1 и уште три бода прокнижија фудбалерите на КМФ „Фудбал старс Аутовелт“ на домашен терен со што се зацврстуваат во горниот дел на табелата во Втората футсал лига.
Во рамки на 7. коло попладнево во Кочани гостуваше КМФ „Конзули“ од Битола кој не беше рамноправен противник за домашниот тим и доживеа убедлив пораз.

„Фудбал старс Аутовелт“ во текот на целиот натпревар ја имаше иницијативата и постојано беше во напад, така што само добрите одбрани на гостинскиот голман Јакопетревски ги спасија битолчани од уште поголема катастрофа.
Домашните го отворија резултатот во 12 минута со погодокот на Крстов, а три минути подоцна водството го зголеми Гаврилов. Првото полувреме заврши со предност од три гола, при што во 18 минута Крстов по втор пат се запиша во листата на стрелците.

Играта во второто полувреме продолжи со исто темпо, но по една грешка на домашните играчи честа на гостите ја спаси Сулемановски во 23 минута, намалувајќи го водството на 3:1. Веќе во 25 и 33 минута со погодоците на Трајчов „Фудбал старс Аутовелт“ водеше со 5:1.
До крајот на натпреварот концентрацијата кај екипата од Битола попушти, па Крстов во 37 и 38 минута постигна уште два гола и го постави конечниот резултат.
Во моментот „Фудбал старс Аутовелт“ има вкупно 12 бода и го дели второто место со тимот на „Каршиака 1996“. Во следното, 8. коло ќе гостува против КМФ „ССК Скопје 1965“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






