Товарно возило, односно комби „ситроен“ со винички регистерски таблички во вторникот околу 23:40 часот излетало од коловозот на експресниот пат Штип – Кочани. Во несреќата со телесни повреди се здобила 40-годишна жена која го управувала возилото. На местото на настанот пристигнала итна медицинска помош и увидна полициска екипа.
Од СВР – Штип информирааа дека комби возилото излетало на неколку километри од клучката кај Три Чешми, при што завршило во просторот покрај патот, извртувајќи се на десната бочна страна. Жената која го управувала била сама во возилото, а по констатираните повреди на лице место, веднаш е префрлена во болницата во Штип, каде е задржана на натамошен медицински третман.

Ова е втора посериозна сообраќајна несреќа, со телесни повреди и материјална штета, што се случува на истата делница за само една недела. Минатата среда на експресниот пат, во атарот на село Жиганци, во судир на три возила загинаа две лица, а повеќемина беа потешко и полесно повредени.

Најчеста причина за сообраќајните несреќи е непочитувањето на ограничувањето на брзината на движење, како и престигнувањето на друго возило во услови кога тоа може да ја загрози безбедноста на учесниците во сообраќајот. Поради тоа, се наметнува потребата од зачестени полициски контроли и санкционирање на возачите кои не ги почитуваат прописите и сообраќајната сигнализација.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.