Во двете средни општински училишта во Кочани денеска напладне се одржаа комеморативни собири за учениците кои настрадаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Во длабока тишина, ученици, професори, вработени во СОУ „Гошо Викентиев“ и претставници од Општина Кочани се потпишаа во книгата на жалоста и запалија свеќи за нивните прерано починати врсници Димитар Иванов и Леонид Велков.
-Стоиме овде со болка во срцата и тешки солзи што говорат повеќе од кои било зборови. Загубивме млади животи, ученици, другари, роднини, соседи братучеди, браќа, сестри, синови и ќерки. Не се повеќе физички присутни со нас, но сепак засекогаш ќе останат во нас Ако некој ни каже дека не се меѓу нас, тоа е големо невистина, затоа што ноќе, кога ќе погледнеме кон небото, секоја ѕвезда што свети ќе ја носи нивната насмевка, секој ѕвезден трепет ќе ни кажува здраво, не грижете се, јас бев долу на земјата само за да ви се насмевнам, ќе бидам со вас и можеби ќе ме видите понекогаш во вашите соништа, истакна професорот Ненад Ѓорѓиев Вржалски.

Собир на тишината се одржа и во СОУ „Љупчо Сантов“ каде соученици, роднини и пријатели им оддадоа почит на загинатите ученички Сара Јорданова, Надица Наунова и Сара Алексова, а се потпишаа во книгата на спомени и на ѕидни паноа. Дваесетина ученици од ова училиште кои се здобија со потешки повреди во несреќата се на лекување во странство.

-Нека им е светол патот на прерано заминатите, кои иако нѐ напуштија, вечно ќе живеат во нашите срца. Беа девојки полни со живот, убавина, младост и енергија. Ви благодариме што ни дозволивте да бидеме ваши наставници и заедно да растеме. Сочувство и за нашите претходно завршени ученици со кои го делевме секојдневието и се гордеевме на нивните успеси. Единствено ни останаа вербата и надежта дека повредените ученици повторно ќе ни се вратат во училишните клупи, истакна професорката Магдалена Антовска.
Директорите на двете средни училишта информираа дека со поддршка од психолози се одржани обуки за наставничкиот кадар, а во наредниот период ќе се организираат работилници за психолошка поддршка на учениците.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.