Во пресрет на одржувањето на 30-та редовна седница на Советот на Општина Кочани, планирана за утре, беа закажани работни состаноци за пет комисии што се во негов состав. Сепак, ниту една од нив не одржа расправа.
Немаше кворум за да се одржат седниците на комисиите за финансии, култура, земјоделство, комунални работи и за мандатни прашања, поради што од општинската админстрација беше констатирано дека се откажуваат. Со тоа, точките што требаше да се разгледуваат подготвително, ќе одат на расправа директно на пленарната седница на Советот.
Очигледно е дека актуелниот советнички состав продолжува да (не) функционира како што стартуваше уште на самиот почеток од мандатот.
Дали работата на комисиите се сфаќа како не толку важна, или пак тоа што за присуството на комисиските седници не се добива дополнителен финансиски паушал, е причина за отсуството на некои советници?
Комисиите во кои членуваат советници од различни политички опции се формирани за подетално да се разгледуваат точките од дневниот ред и да се даваат предлози до Советот за одредени прaшања, за коишто треба да се донесе заеднички став. Комисиската расправа е можност преку поопсежни дискусии, прашања и одговори од надлежните во општинската администрација и во институциите, да се добијат објаснувања за темите кои поради обемноста не би можеле подетално да се анализираат на седниците на Советот.
Ако комисиите не обезбедуваат кворум за да функционираат како што треба, прашање е дали воопшто треба да се закажуваат седници за нив. Или пак, да се сменат одредени деловнички прописи за да се обезбеди задолжително присуство.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.