Снимките од височина на комуналната депонија кај селото Бели, направени денеска во доцните попладневни часови, ја покажуваат реалната ситуација во која таа се наоѓа.
Еден ипол месец по прекинот на протестот и блокадата на граѓаните, овде секојдневно отпад исфрлаат возила на комуналните претријатија од Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево.
Евидентно е дека локацијата, со површина од околу 4 хектари, интензивно се полни, откако кон крајот на октомври минатата година беше направена нејзина „генералка“ со уредување и рамнење од страна на градежната механизација на американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“’.

Проширувањата на депонијата што беа направени тогаш, веќе се исполнети со отпад, а може да се забележи дека на одделни места повторно се појавува чад. Иако и понатаму овде има ангажирано лица кои го контролираат влегувањето и излегувањето на комуналните и други камиони, факт е дека не е целосно избегната можноста од недозволено навлегување и потпалување на отпадот од страна на неовластени лица.

На средината од депонијата се забележуваат купишта земја со кои на одделни временски периоди се врши затрупување на отпадот. За ова, во недостиг на сопствено специјализирано возило, кочанските комуналци ги користат услугите од приватна компанија. Разбирливо, тоа мора и да се плати. Со оглед што комуналните претпријатија од трите соседни општини сѐ уште не плаќаат надомест за користење на депонијата за исфрлање на сопствениот отпад, со оправдување дека цената за тоа им е превисока, засега целата операција ја спроведува КЈП „Водовод“.

Најавите дека в понеделник во Министерството за животна средина во Скопје ќе се разговара и преговара за евентуално намалување на цената, го оставаат отворено прашањето дали ќе се постигне некаков компромис. И дали евентуалното намалување на цената може да значи и проретчување на уредувањето на депонијата поради намалениот обем на средства?
До изградбата на најавената регионална депонија кај Свети Николе, односно на станицата за преработка на отпадот од Источниот и Североисточниот регион ќе помине уште време, со оглед што не се почнати ни подготвителните активности. Дотогаш, депонијата кај Бели ќе продолжи да го собира отпадот од четирите општини, а граѓаните ќе се надеваат дека барем на добавувачот ќе му биде исплатен долгот за набавените морските алги со кои се третираше депонијата, за да може да се направи нова нарачка пред првите пролетни денови и затоплувањето на времето.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.