Со одржување на конститутивната седница денеска во Кочани беше формиран општинскиот Локален совет за превенција, како тело што ќе работи и ќе дава препораки за подобрување на безбедноста во заедницaта и за градење доверба и партнерски односи во спречувањето на појавите што влијаат на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Во состав на Советот за превенција влегуваат претставници од јавни институции на локално и државно ниво, од бизнис секторот, како и од невладини организации, а претседател ќе биде градоначалникот Љупчо Папазов, кој ќе ја координира неговата работа.
-Иако немаме законска обврска да формираме Локален совет за превенција, тргнувајќи од потребата да изградиме систем на комуникација, систем на односи со институциите од локален и државен карактер, со одлука на Советот на Општината го конститураме за да го направиме првиот обид, затоа што Кочани има традиција подолг период наназад во функционирањето на ваков совет за превенција. Тој нема одлучувачка и извршна обврска, но сметам дека со формирањето и структурата којашто ќе влезе во неговиот состав ќе имаме многу можности да направиме повеќе. Главна задача нека биде комуникацијата меѓу луѓето кои ги водат институциите, за да ги отстраниме ризиците на кои сме изложени како граѓани, како општина и како општество, истакна градоначалникот Папазов.
Локалниот совет за превенција ќе има клучни приоритети во координација на локалните институции, анализа на работите што загрижуваат во поглед на безбедноста, дефинирање политики на работа и градење стратегија во решавање на локалните проблеми, како и почнување на заеднички акциони планови поддржани од партнерите со конкретни решенија, но и за подигнување на сигурноста, безбедноста и квалитетот на животот во заедницата.
Намалувањето на ризиците во поглед на елементарни непогоди, подобрување на безбедноста и на функционирањето на структурите од локален карактер, како и отстранување на ризиците во сообраќајот, односите меѓу заедниците, се главни насоки на дејствување на телото.
Конститутивниот состанок имаше и интерактивен карактер, односно дел од присутните изнесоа свои мислења за потребата од формирање и начинот на функционирање на Локаниот совет за превенција.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.