Љубителите на класичната музика во Кочани синоќа уживаа во изведбата на гудачкото трио „Musica Viva“, на концертниот настап во Центарот за култура „Бели мугри“. Триото, кое го сочинуваат Марија Илиева и Ангелина Павлова на виолина и Стојан Наумовски на виолончело, пред кочанската публика се претстави со познати музички бисери во класичната музика.

-Се претставивме со програма од Вивалди и Моцарт, а имавме и премиерна изведба на композиции од нашиот колега Јосип Христов. Нашата следна активност ќе биде на отворањето на новото кино во Штип, што е поддржано од Општина Штип, за што имаме подготвено програма со која ќе се претставиме, истакна Марија Илиева, виолинистка во „Musica Viva“.
Членовите на триото професионално се занимаваат со музика, учествувале на многу концерти во земјава но и надвор од неа, а пред неколку години исто така имаа настап во Кочани.
Концертот на „Musica Viva“ во „Бели мугри“ е дел од овогодишната програма на институцијата и целосно е поддржан од Министерството за култура.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.