Во спортската сала на ОУ „Никола Карев“ во Кочани денеска свечено беа отворени Малите олимписки игри на основните училишта од државата, чиј организатор е Федерацијата за училиштен спорт на Македонија во соработка со Сојузот за училиштен спорт на Кочани.
Домаќини на игрите, што ќе траат два дена, се училиштата од Кочани и Делчево, а учесници се најдобрите екипи од 26 основни училишта кои ќе се натпреваруваат во футсал, кошарка, одбојка, ракомет, атлетика и фудбал во машка и женска конкуренција.

-Младите од целата држава денеска и утре учествуваат на најмасовната спортска манифестација и даваат придонес за многу битен стратешки сегмент во нивниот развој. Најдобрите спортисти кои се овде, претходно поминаа многу квалификации, се спортската иднина на Македонија и од нив се очекува еден ден да станат големи репрезентативци коишто ќе ја презентираат државата надвор од границите. За Кочани ова е важен момент затоа што преку спортот даваме импулс за позитивна енергија, а покрај спортските резултати, сакаме да се гради добра соработка и заедништво, истакна Александар Туфекчиевски, претседател на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија.

Учесниците и гостите на Малите олимписки игри ги поздрави директорот на ОУ „Никола Карев“, Александар Андов, при што изрази благодарност за довербата Кочани да биде еден од домаќините, во период кога градот преживува тешки моменти по страшната трагедија.
Екипите во Кочани ќе се натпреваруваат во футсал, кошарка и фудбал, во Делчево ќе се играат натпреварите во одбојка и ракомет, а в петок на атлетскиот стадион „Соколана“ во Куманово ќе настапат најдобрите екипи во атлетика во машка и женска конкуренција.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






