Кочани е во групата од шест општини во државата кои издвојуваат над 20 илјади евра на годишно ниво за прскање против комарците, а меѓу седумте во кои се третира и авионски и од земја, покажува истражувањето што го направи Центарот за граѓански комуникации од Скопје.
Според склучените договори со давателите на услугите оваа година од општинскиот буџет ќе се потрошат 24.790 евра за авионскиот третман и уште околу 7 илјади евра за третманот од земја, односно близу 1,96 милиони денари. Договорите се склучени со Друштвото за авио услуги „Бониер“ од Куманово и ЈЗУ Центар за јавно здравје од Скопје, кои веќе спроведоа дел од преземените обврски. Ако се земе предвид вкупната издвоена сума за двата третмана, Кочани го дели второто место со општина Велес, каде е платена слична сума од буџетот.

Во анализата на Центарот за граѓански комуникации се наведува дека за оваа година вкупно 770 илјади евра одделно платиле 39 општини и еден плански регион заеднички со 9 општини. Притоа, 35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање, други 6 општини се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за авионско третирање, а 7 општини имале и земјено и воздушно прскање.

Општина Виница пак, со околу 8.600 евра за двете различни прскања, е во средната група локални самоуправи кои издвојуваат буџетски средства за дезинсекцијата. Терестички третмани против комарците ова лето спроведоа и општините Зрновци и Чешиново-Облешево, но од нивните буџети се издвоени многу помалку средства во споредба со соседните.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.