Кочани и Кичево се меѓу поголемите градови во државата каде жителите имаат најнизок степен на соодветна здравствена заштита, покажала анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации од Скопје. Од прибраните податоци за 30 градови, Кочани е на 19 позиција, иако е забележливо дека подобри можности имаат поголемите во однос на помалите градови, што не е случај кај нас.
Меѓу помалите пак, Виница која е на деветта и Делчево на дванаесетта позиција, им обезбедуваат подобри услови за здравствена заштита на своите граѓани.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите. Анализиран е бројот на болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчињата.
Анализираниот индикатор за број на деца на една служба за здравствена заштита за возраст од 0 до 6 години покажува дека најдобро стои Виница, каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Во Кочани тој број е десет пати поголем, односно изнесува 1.321 дете на една здравствена служба.
Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово со по околу 1.100 жители на една ваква служба. Во Кочани бројот изнесува 1.593 граѓани на една здравствена служба, што е скоро на исто ниво како во соседниот Штип.
На врвот на ранг-листата се главниот град Скопје, како и Битола и Штип кои се со сличен степен на здравствена заштита што можат да ја добијат нивните жители. Во горниот дел од листата се наоѓаат уште осум други градови меѓу кои, освен Виница, сите се исто така поголеми градови – Кавадарци, Велес, Тетово, Прилеп, Куманово, Струмица и Струга.
За изворни вредности на индикаторите се користени податоците од публикацијата „Здравствена карта на Република Северна Македонија 2021 година“ на Институтот за јавно здравје. Сите податоци се однесуваат за 2021 година како последна година за која има расположливи и обработени податоци.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.